Осмели се – купи куќа, купи стан

Bez autora
Mar 25 2012

Илјадници подигнати барања, помалку предадени апликации, многу малку одобрени барања за субвенциониран станбен кредит од владиниот проект „Kупи куќа, купи стан“. Се обидовме да дознаеме зошто е тоа така во земја во која голем дел од брачните парови живеат со родители и горат од желба да дојдат до својот прв дом. Одговорот е едноставен – не ги исполнуваат условите. Или немаат пари за учество, тешко наоѓаат нови станови по прифатлива цена. Дел мака мачат да извадат документи за плацови на кои сакаат да градат куќа, а многу голем дел со вкупните приходи во семејството не можат да дојдат ниту до гарсониера во Скопје, а камоли до семеен дом. За подобро да ги информира и да им помогне на граѓаните, Министерството за финансии ги објави имињата и контактите на градежните компании кои нудат станови до 900 евра за квадратен метар, услов кој е неопходен за добивање субвенциониран кредит од проектот „Kупи куќа, купи стан“.

Осмели се – купи куќа, купи станИлјадници подигнати барања, помалку предадени апликации, многу малку одобрени барања за субвенциониран станбен кредит од владиниот проект „Kупи куќа, купи стан“.

Се обидовме да дознаеме зошто е тоа така во земја во која голем дел од брачните парови живеат со родители и горат од желба да дојдат до својот прв дом. Одговорот е едноставен – не ги исполнуваат условите. Или немаат пари за учество, тешко наоѓаат нови станови по прифатлива цена. Дел мака мачат да извадат документи за плацови на кои сакаат да градат куќа, а многу голем дел со вкупните приходи во семејството не можат да дојдат ниту до гарсониера во Скопје, а камоли до семеен дом.

Ригорозните услови се проблем

За подобро да ги информира и да им помогне на граѓаните, Министерството за финансии ги објави имињата и контактите на градежните компании кои нудат станови до 900 евра за квадратен метар, услов кој е неопходен за добивање субвенциониран кредит од проектот „Kупи куќа, купи стан“.

Ресорното министерство вчера во медиумите објави оглас во кој има наведено 18 компании од земјава кои нудат станови по оваа цена. Од нив, една е државна, односно Акционерско друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор, додека останатите се приватни фирми. Најголемиот дел од нив, односно 12, се од Скопје, четири се од Битола и по една од Охрид и од Kуманово.

Граѓаните велат дека не аплицираат поради големиот број документи што треба да ги обезбедат. За сите нив треба многу време, но и многу пари. Проблематични се и ригорозните услови што се бараат при аплицирањето, кои многу голем дел од потенцијалните купувачи не ги исполнуваат.

- Собрав барања од повеќе банки. Сите ми направија пресметка колкав максимален кредит можам да добијам со моите и со примањата на сопругот и тоа на најдолг рок на отплата. Се разочарав кога сфатив дека нема да имам пари ниту за гарсониера. Иако се обидував да се снајдам за учеството, гледав станови на периферија на Скопје со пониски цени, кренав раце – вели 35-годишната скопјанка Весна А.

На шалтерите во банките доаѓаат граѓани што се жалат дека поради презадолженост на една картичка им било кажано дека не ги исполнуваат условите за кредитот. Има и банални случки, каде што на еден граѓанин му била одбиена апликацијата бидејќи за само 7 евра неговото семејство имало повисок месечен приход од законски одредените 900 евра.

Малку одобрени кредити

Банкарите коментираат дека има голем интерес за овој проект. Според податоците на ТТK банка, кај нив 75 граѓани подигнале документи, но од нив аплицирале само пет-шест. Банката досега има одобрено еден субвенциониран кредит и тоа за изградба на куќа.

- Овој проект не се гледа толку од профитабилна гледна точка, туку како општествена одговорност. Но и од профитабилен аспект може да биде добар. Нашата банка во своето портфолио нема многу станбени кредити затоа што немаме ни такви извори на финансирање како други банки, сепак имаме пласирано околу 4 милиони евра кредити. Од нив, само 0,9 отсто се со задоцнување, од што може да заклучам дека луѓето најредовно си ги отплаќаат станбените кредити. Иако е ниска каматната стапка на владиниот проект, сепак има профит за да се пристапи кон оваа работа - вели Драгољуб Арсовски, директор на ТТK банка.

Според него, добро е тоа што Министерството за финансии дозволило предвремено отплаќање на овие кредити, како и што ја сменило првобитната замисла аплицирањето и одобрувањето на кредитите да оди во транши.

Првиот човек на Стопанска банка Глигор Бишев, смета дека Владата треба неограничено да го прошири рокот за финансирање станови или куќи на население со низок доход. Тој вели дека проектот „Kупи куќа, купи стан“ мора да биде долгорочен.

- Обично, населението не купува куќа или стан затоа што каматната стапка е ниска или висока, туку затоа што има потреба од тоа. По правило, стан во животот се купува еднаш, двапати или трипати - вели Бишев.

Тој предлага доколку се случи во одредена година износот на средства наменети за проектот да се потроши, што е можно да се случи кон крајот од годината, лицата што ги исполниле критериумите да се префрлат во наредната година. На тој начин, тоа би станало една трајна мерка на економската политика.

- Од тоа што се случува во овој период, можам да кажам дека побарувачката за овој вид кредити е нормална. Ние како Стопанска банка ја знаеме побарувачката за нормални кредити и таа на годишно ниво во Македонија изнесува од 50 до 60 милиони евра, од аспект на кредитирање. При таков обем на вкупна побарувачка за кредити за станови, побарувачката за нискодоходовни најверојатно би била најмногу околу десет до 11 милиони евра. Од тоа, бидејќи државата ја субвенционира каматата, мислам дека со износ од два до три милиони евра годишно, оваа активност би можела да трае перманентно. Се надевам дека оваа мерка долгорочно ќе ги даде резултатите. На краток рок е тешко да се оцени - рече Бишев во неодамнешното интервју за „Дневник“.

Досегашното искуство на банкарите покажува дека граѓаните се позаинтересирани за купување станови бидејќи има помалку процедури, но има интерес и за изградба на куќи.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik